Долги колони на Табановце: Странските државјани чекаат да ги платат казните од Сејф Сити

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граничниот премин „Табановце“ денеска повторно се соочува со долги колони, повеќечасовно чекање и тензии, откако системот „Сејф Сити“ започна да се применува и за возилата со странски регистарски таблички.

При излез од земјава, на дел од возачите им биле врачени платни налози за сообраќајни прекршоци кои биле евидентирани претходно. Ова предизвикало долги задржувања и дополнителен хаос на граничниот премин.

Од Министерството за внатрешни работи вчера појаснија дека хаосот е последица на првиот ден од примената на новиот механизам, кој ги опфаќа и претходно регистрираните прекршоци.

Според МВР, на возачите кај кои системот ќе евидентира прекршок им се издава записник со платен налог за сообраќаен прекршок.

Целта, според надлежните, е еднакво и без исклучок санкционирање на домашните и странските возила. Властите најавуваат мерки за забрзување на процедурите на граничните премини, а контролата постепено треба да биде проширена и на останатите гранични премини во земјава.

Ситуацијата се префрли и на социјалните мрежи и во групите за туристи, каде што дошло до расправии меѓу српски туристи и македонски државјани.

Дел од српските патници се пожалиле на организацијата и најавиле дека во иднина ќе патуваат преку Бугарија. Од македонска страна, пак, било одговорено дека правилата важат за сите и дека казните за пречекорување на дозволената брзина мора да се платат.