Малкумина со маски, а скоро никој со ракавици, без да ја почитуваат дистанцата.
Повеќето граѓани кои го посетија пазарот се од најзагрозената возрасна група од вирусот Ковид-19. Вака изгледаше Зелен пазар Скопје неколку часа пред да почне најдолгиот полициски час, кој почнува денеска во 16 часот, а завршува во 05 часот во вторник.
Еден од анкетираните граѓани вели дека воопшто не се почитува дистанцата, но поради најавениот полициски час тој морал да излезе за да пазарува.
„Кога имаше маски, јас не купив, исто и жена ми, така да како што ми е пишано така ќе биде. Се обидувам да држам дистанца. Не, не, бев внатре во пазарот, сите се еден до друг, нема дистанца, тоа е тоа“, вели граѓанин.
Еден друг граѓанин смета дека е проблем ставањето на маски.
„Нема маски, потоа не можеме да се разбереме бидејќи има граѓани кои не слушаат и читаат од усни“, додава граѓанин.
На вчерашната владина седница усвоен е декрет со законска сила за спроведување на законот за трговија, ме кој се воспоставува ред и дисциплина н авлезот на објекти каде се врши трговија, во мали продавници, во самопослуги, маркети и пекари за време на вонредната состојба. Така рече министерот за економија Крешник Бектеши.
„Можам да речам дека мерката е задоцнета имајќи предвид дека веќе одржавме неколку средби со трговците на мало и трговците на големо според моите сознанија некои веќе почнале да ги спроведуваат советите на министерството за здравство што се однесува до растојанието и услугите за одржување на редот имајќи предвид дека сме на врвот на ширење на заразата“, вели Крешник Бектеши.
За микро трговците и малите трговци кои нема да воспостават ред и дисциплина во нивните објекти ќе следи казна од 500 до 1 илјада евра. За трговците на големо кои не ги почитуваат правилата ќе следи казна од илјада до две илјади евра.
Пазарите и маркетите денес беа преполни со граѓани, причината е полицискиот час кој ќе почне денеска од 16 часот и ќе трае до вторник 05 часот, значи 85 часа, при што целата држава ќе биде затворена освен ургентните центри, полицијата, лекарите, аптеките и медиумските екипи. Оваа мерка стапи во сила поради тоа што во овие денови се слави еден од најголемите православни празници Велигден. Најдолгиот полициски час досега ќе заврши во вторник во 5 часот наутро.
