Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Доне Таневски, најголемиот акционер во хотелската групација „Македонија турист“, го намали својот удел од 23,4% на 17,72%, по продажбата на 25.669 акции. Македонска берза ја потврди продажбата, при што Таневски сега поседува 80.160 акции, пишува Фокус.

Скопската компанија за издавање на недвижен „Скопски пазар “ која пред 10 дена стана втор најголем акционер во хотелиерскиот гигант „Македонија турист“, купи 730 обични акции и сега поседува 10% од вкупниот број на обични акции, односно вкупно 45.230 акции со право на глас во хотелиерската компанија.

„Скопски пазар“ е компанија во која претседател на Надзорниот одбор е контроверзниот бизнисмен Фатмир Етеми кој е еден од најмоќните градежници и инвеститори во Македонија. Неговите роднини Арменд Етеми и Бесар Етеми се во Управниот одбор на оваа компанија.

Одлуката на „Скопски пазар“ да влезе во структурата на акционери доаѓа неколку дена по потегот на „М.Г.Фешн ДОО“ да стане нов голем акционер во хотелиерскиот гигант. М.Г. Фешн ДОО Увоз-извоз од Скопје поседува акционерски пакет од 7,69 проценти од вкупниот број обични акции на компанијата, односно 34.795 акции.

Минатиот месец највисоката цена на акциите на „Македонија турист“ беше 9.200 денари, а просечната цена 8.293 денари. М.Г. Фешн како нов акционер поседува акции во вредност од над пет милиони милиони евра ако се земе во предвид просечната вредност на една акција.
М.Г. Фешн 20 години е застапник на некои од најпознатите светски брендови чии франшизи ги поседува, а стана позната по изградбата на висококатниците на паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“ кој пак е во сопственост на „Македонија турист“.

Соња Бибановска, бизнис-партнерка на Таневски, минатата недела ги продаде сите свои акции, инкасирајќи 9,2 милиони евра. Оваа продажба ја ослаби позицијата на Таневски, кој сега е претседател на Надзорниот одбор, додека неговата ќерка Мирјана го води Управниот одбор.

„Македонија турист“ располага со голем број хотели во Скопје, вклучувајќи „Холидеј Ин“, „Карпош“, и „Бест Вестерн“. Во 2023 година компанијата остварила добивка од 96,39 милиони денари, а поседува и инвестициски портфолија вредно 22 милиони евра, вклучувајќи акции во „Комерцијална банка“.

Извор: Фокус