Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изјави дека довербата во судството и во целиот државен систем е на историски најниско ниво и дека се потребни радикални чекори. Според него, одговорноста треба да биде индивидуална и поединечни случаи не смеат да создаваат општа слика за целото судство.
Костадиновски нагласи дека еден корумпиран судија не може да се користи како аргумент дека сите судии се такви. Тој рече дека еден од чекорите за враќање на довербата е отворањето на Уставниот суд, со што на граѓаните би им се овозможило директно да ги следат седниците и правните аргументи врз кои се темелат одлуките.
Овие ставови беа изнесени на меѓународна конференција посветена на довербата во уставните судови, која се одржа во Охрид.
