„Дозволете да инвестираме без мораториуми“ – Една милијарда евра од градежниците за три години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една милијарда евра  инвестиција од градежните компании  во наредните три години. Целта е излез од кризата и придвижување на економијата . Пораката од страна на претседателот на градежната комора при Сојузот на стопански комори Ивица Јакимовски му беше пренесена на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Градежните компании истапија и со свое барање.

„Имаме едно конкретно барање. Да се дозволи да инвестираме. А тоа е да се донесат новите урбанистички планови кои се укинати, да се донесат нови детални планови што се во изработка , да се прекине праксата на управување, и  да се тргнат мораториуми се со цел да можеме да функционираме“, посочи Ивица Јакимовски.

Градежништвото има значајна улога за стимулирање на економскиот раст, отворањето на нови работни места, како и подобрување на социо-економските услови во државата истакна министерот за транспорт.

„Сите закони кои се спорни или сите подзаконски акти каде треба да има промени ние сме отворени да ги разговараме со  коморите со цел да се забрзаат постапките“, истакна Благој Бочварски.

Министерот за транспорт  истакна дека се прават напори да се зголеми процентот на реализација на капиталните инвестиции, за што, како што рече, притисокот се прави насекаде. Со предложениот ребаланс на Буџетот, Бочварски информираше дека се скратени  пари за првата делница од пругата кон Бугарија и кај магистралните гасоводи.