Грчките власти спроведуваат безбедносна операција на пристаништето на островот Сирос, откако била примена пријава за можен експлозивен механизам поставен на подводниот дел од крузерот „Crown Iris“, кој плови под панамско знаме.
Припадници на грчката крајбрежна служба, со помош на специјално обучено куче за откривање експлозиви и нуркач, започнале детални проверки на бродот. На местото се очекува да пристигне и специјална единица за подводни операции.
На крузерот се наоѓаат вкупно 1.537 лица, од кои 940 патници и 597 членови на екипажот. Бродот требало да исплови од Сирос и да го продолжи патувањето кон израелскиот град Хаифа.
Безбедносната проверка се одвива во период на тензии поврзани со пристигнувањето на крузерот, кој е во сопственост на израелска компанија.
За денеска бил најавен протест против неговото пристигнување на островот, но грчката крајбрежна служба го забранила собирот.
Слични протести биле организирани и во текот на летото на повеќе грчки пристаништа каде што се закотвувал „Crown Iris“, а организаторите наведувале дека протестираат во знак на солидарност со палестинскиот народ.
Засега нема информации дали при проверките е пронајден експлозивен механизам.
