Сиљановска-Давкова: И Европската Унија треба да покаже политичка волја, не може постојано да се бараат отстапки од Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека Европската Унија мора да преземе поактивна улога во надминувањето на блокадата на македонскиот евроинтегративен процес, наместо постојано да инсистира на уставните измени како услов за продолжување на преговорите.

Во интервју за телевизија Сител, по учеството на Самитот за проширување во Брисел, таа нагласи дека Македонија останува посветена на европската интеграција, но очекува и Брисел да покаже политичка волја и да понуди конкретни решенија за спорот со Бугарија.

„Веројатно сме држава која најмногупати била поттикнувана и охрабрувана да манифестира политичка волја за да го прифати последниот услов. Сакав да упатам порака дека и Европската Унија треба да покаже политичка волја“, изјави Сиљановска-Давкова.

Според претседателката, Македонија заслужува да биде меѓу земјите што предводат во процесот на проширување, но за тоа е потребен поинаков пристап од европските институции.

Таа оцени дека земјава се соочува со парадоксална ситуација, бидејќи Бугарија го претставува прашањето како европско, додека Европската Унија ја упатува Македонија на билатерални разговори со Софија.

Како можни решенија за надминување на блокадата ги посочи предлогот за одложено дејство на уставните измени, како и подготовката на дополнителни објаснувачки одредби со кои би се прецизирале принципите и обврските на Унијата, особено во делот на заштитата на националниот и културниот идентитет.

„Сакаме да знаеме под кои услови ќе продолжат работите понатаму“, нагласи претседателката, посочувајќи дека Македонија има потреба од јасни гаранции за понатамошниот тек на преговорите.

Сиљановска-Давкова најави и иницијатива за средба со новоизбраната бугарска претседателка, со цел отворање директен дијалог за нерешените прашања.

Осврнувајќи се на Акцискиот план за малцинствата, таа истакна дека документот бил подготвен со експерти од Советот на Европа и доставен на увид до Бугарија, но дека, според неа, токму Софија останува незадоволна од неговата содржина.

„Ние немаме проблем со ЕУ во суштина, иако во преговарачката рамка е вклучен услов што никогаш не би смеел да се најде таму. Имаме проблем со нашиот сосед“, оцени Сиљановска-Давкова.

Претседателката нагласи дека, независно од политичките пречки, Македонија мора да продолжи со реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на институциите и економскиот развој.

Во однос на претстојниот извештај на Европската комисија, посочи дека очекува неговите наоди и препораки да дадат јасна слика за постигнатиот напредок и за областите во кои се неопходни дополнителни реформи.

Таа го поздрави напредокот на Црна Гора кон Европската Унија и оцени дека билатералните спорови не треба да го попречуваат процесот на проширување, доколку постои подготвеност за дијалог и компромис.

Сиљановска-Давкова порача дека проширувањето на ЕУ треба да се третира како геостратешка инвестиција, а земјите кандидати да добијат можност за постепено интегрирање, паралелно со спроведувањето на реформите.