„Поради силните ветрови, нема начин да се локализираат пожарите“, изјави за Си-Ен-Ен Дејвид Акуна, командант на Одделот за шумарство и заштита од пожари во Калифорнија (CAL).
Акуна вели дека пожарникарите се најзафатени „да се погрижат сите да излезат од областа бидејќи безбедноста на животот е најважниот дел, а ние им помагаме на луѓето да планираат така што нивните миленици и добиток исто така да најдат безбедно засолниште“.
Претходно, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом изјави дека повеќе од 1.400 пожарникари се ангажирани за гаснење на „невидениот пожар“ во Лос Анџелес, а дополнителни противпожарни сили „пристигнуваат од целата држава“.
„Работниците на брзата помош, пожарникарите и итните служби беа на терен во текот на ноќта за да направат се што е можно за да ги заштитат животите“, напиша тој на платформата X.
Американските медиуми објавија дека катастрофалните пожари во Калифорнија биле поттикнати од т.н. „Ветрови на Санта Ана“.
За каков феномен се работи?
Опасна ситуација се јавува кога има голема област со висок притисок лоцирана до Невада и Јута, што пак резултира со силни источни ветрови околу Аризона и јужна Калифорнија. Како што овој ветер тече над врвот на повисокиот терен источно од Лос Анџелес, Санта Барбара и Сан Диего, го суши воздухот и забрзува на западната страна, движејќи се по ридот кон понаселените урбани области.
Ветровите од Санта Ана често можат да достигнат брзина од 90 до 130 км/ч и се главната причина за зголемена опасност од пожари, бидејќи сувите ветрови ја влечат влагата од вегетацијата. Откако огнот ќе се запали, ветровите лесно ќе го рашират.
