Демократската унија за интеграција обвинува дека Општина Тетово дека четирикратно ја зголемила цената за собирање отпад во градот. Пратеничката Рина Ајдари покажа неколку сметки кои стигнале во Порој и Џепчиште како пример дека на граѓаните им се наплаќале услуги што не ги добиваат во овие села, како што е канализацијата, додека тие сами ја менаџираат водата.
„Граѓаните ќе плаќаат четирикратно повеќе од она што досега плаќале за смет. Тоа најдобро го докажуваат сметките кои стигнале до граѓаните од компанијата Заубермахер, фирма која општина Тетово ја договорила да управува со градскиот отпад. Како што можете да видите, граѓаните кои до сега плаќаа по 300 денари, отсега ќе плаќаат по 1300 денари месечно. За една година едно семејство ќе потроши 200 евра повеќе благодарение на неправедните одлуки на поединците кои ја водат Општина Тетово“, порача Рина Ајдари.
Од општината велат дека нема да има поскапување на сметките, додека граѓаните доколку добијат сметки со повисоки цени, можат да го пријават случајот. Во овие сметки граѓаните ќе плаќаат за управување со отпад, одржување на јавни површини и зеленило, снабдување со вода за пиење, канализација на атмосферски води и отпадни води.
„И покрај тоа што е сменета методологијата за пресметка, нема зголемување на цената по единица. Сите граѓани кои добиле сметки повисоки од претходните месеци, треба да се обратат во канцелариите лоцирани на Зелениот пазар во Тетово како и на влезот во село Палчишта, за да ги усогласат своите податоци за компанијата да може реално да ја изврши наплатата. Доколку не сте задоволни од одговорот на комуналното претпријатие, ќе имате можност да се обратите во канцелариите на општина Тетово. Како општина ќе формираме посебна комисија која ќе го испита секој презентиран случај и ќе најде решение кое ќе биде во интерес на граѓанинот“, велат од Општина Тетово.
Општина Тетово го отстапи управувањето со отпадот на компанијата Заубермахер, додека во февруари со одлука на Советот на општината поскапе водата за пиење, а новата компанија ја промени и пресметката за отпад. Таа ја пресметала цената за метар квадратен, додека порано била по глава на жител.
