ДУИ молчи за „Мерко нон-грата“ – Реакции од политичките партии, опозицијата бара отчет и оставка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ДУИ молчи од синоќа кога се дозна дека САД го прогласи за персона нон-грата градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој е член на раководството на оваа партија. Иако побаравме став од портпаролот на партијата, Бујар Османи и други лица кои се одговорни за комуникација со медиумите, ниту еден не одговори на нашето прашање. Единствениот кој беше достапен за медиумите денеска беше министерот за образование, Јетон Шаќири кој доаѓа од огранокот на ДУИ во Струга, кој рече дека треба да се почека ставот од ДУИ како партија.

„Ќе го почекате ставот на ДУИ. Знаете дека едно од основните начела како една од ретките партии, е ставот на ДУИ, да има ветинг за сите функционери од разни нивоа“, вели Јетон Шаќири.

Ниту сњамиот Мерко официјално не се произнесе за одлуката на Американскиот Стејт департмент ниту дали се откажува од функцијата градоначалник на Струга. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска беше прашан дали советниците на СДСМ во Струга ќе продолжат со поддршката за Мерко.

Лидерот на АА, Арбен Таравари синоќа во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека Мерко треба да си поднесе оставка или тоа од него да го побара ДУИ.

„Мислам дека тој треба да си поднесе оставка ако се анализира од морален аспект, барем еден период да паузира или партијата ДУИ да побара од него да си замине од оваа функција и да се отвори постапка за него дали е вистина тоа што го кажува амбасадорката на САД“, вели Арбен Таравари.

Од Беса, претседателот на оваа партија Биљал Касами рече дека се надева дека ова ќе биде почеток за чистење на земјава од корупција.

„Ако останало малку достоинство кај тие луѓе, малку достоинство кај таа политичка партија, треба да го направат невозможното уште денеска Рамиз Мерко да си поднесе оставка од таму каде што е и тоа што го направил како криминал и корупција и да имаме друг претставник кој ќе ги брани правата на стружани“, порача Биљал Касами.

Исто барање за оставка на Мерко и од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Алтернатива очекуваат по тврдењата на Стејт департментот, ЈО и МВР веднаш да преземат мерки.

„Ова за нас не е ниту новост ниту изненадување. Рамиз Мерко е само една нишка во големата пајакова мрежа на корупција создавана од ДУИ во последниве 20 години. За чудење е зошто молчи МВР и ЈО. Дали толку многу вреди власта за тие луѓе да подлегнуваат на условувања со корупција од парот Ахмети-Груби“, вели Зеќирија Ибрахими.

Според соопштението на Стејт департментот, Мерко е вмешан во голема корупција и дополнително нотирано е дека Мерко како градоначалник на општина кој злоупотребувал фондови и е вмешан и во судски процеси.