Демократската унија за интеграција обвинува дека власта врши кампања на етничка дискриминација и отпуштања на Албанците од државните институции. Од опозициската партија со став дека со тоа се нарушуваат принципите на еднаквост и мултиетничка хармонија и бараат од Владата веднаш да запре со ваквите однесувања.
Ве молам да ги игнорирате и не придавајте значење на ваквата реторика, рече премиерот Христијан Мицкоски за ваквите обвинувања од ДУИ кои според него тоа се прави, како што рече со секое приближување на правдата кон нив. Тој потврди дека во дел од институциите има отпуштања, но дека се работи за лица кои ја злоупотребиле позицијата и вршеле незаконски дејства.
-Ќе се заострува реториката од таму, како ќе доаѓаме до криминалците се пожестока ќе биде и понационалистичка и поиредентистичка таа реторика. Првите кога ќе влезат во притвор, првите судски процеси уште појако ќе биде. За да го заштитат криминалот, трговските центри имотите, парите, милионите и така натаму единствена алатка што им стои на располагање е ова. Ве молам да не придаваме значење, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
ДУИ не се откажува и од барање за одржување предремени парламентарни избори заедно со локалните идната есен, кои како што наведуваат во партиското соопштение се решение за кризата на легитимитетот. Премиерот Мицкоски вчера порача дека избори за него не се проблем но дека сега нема потреба од тоа. Рече дека локалните избори ќе бидат тест за тоа дали е потребно одржување предвремени парламентарни избори.