Веќе една недела опозициската ДУИ во Чаир одржува секојдневни прес-конференции за дадените, а сè уште нереализирани ветувања на градоначалникот Изет Меџити. Според интегративците, Меџити не реализирал ништо од она што го ветил. ДУИ го критикува Меџити за изборна измама, бидејќи, според нив, за булеварот „Мидхат Фрашери“, ветен пред изборите, нема ниту проект, ниту буџет, ниту почеток на реализација. Истата судбина, според ДУИ, ја имаат и другите проекти. Тие исто така обвинуваат за дивоградби, вклучително и доградби врз постоечки објекти, спротивно на изборното ветување за запирање на урбаниот хаос. ДУИ бара итна интервенција од инспекторатот, обвинителството и министерството за да се гарантира законот, безбедноста и урбаниот ред за граѓаните.
„Пред изборите, Изет Меџити ја вети изградбата на булеварот „Мидхат Фрашери“ – капитален проект со 4 коловозни ленти, велосипедски патеки и нови урбани поврзувања меѓу Чаир, Шуто Оризари и центарот на Скопје. Големо ветување, големи зборови, видеа и објави полни со ентузијазам. Денес, по изборите, реалноста е едноставна: нема ниту еден цент во буџетот на Градот Скопје. Нема ниту еден цент во буџетот на Општина Чаир. Нема проект. Нема план. Нема почеток.“, изјави Алија.
На обвинувањата на ДУИ, првиот човек на Чаир одговори синоќа во емисијата „Клик Плус“, најавувајќи инвестициски бум на почетокот на март. Според Меџити, проектите се подготвени, но работите ќе започнат на почетокот на март поради временските услови, за, како што рече, да не им се создаваат проблеми на граѓаните.
„Ако немаат друга работа, нека продолжат со оваа кампања што ја водат, но кон средината на февруари, почетокот на март, ќе се соочат со багерите. Ние ги правиме последните интензивни подготовки поради временските околности и климатските услови, бидејќи добар дел од проектите се поврзани со подземната инфраструктура и со улиците и, ако ги започнеме сега, има врнежи од снег и дожд, што создава проблеми за граѓаните, им го отежнува животот, а потоа има реакции ако почнеме да ги отвораме, а не можеме да ги затвориме, бидејќи асфалтните подлоги некаде, околу 15 март, ќе можат да се поставуваат. Подготовките се интензивни за во Чаир да се случи најголемиот инвестициски бум од почетокот на март.“, вели Меџити.
Меџити го најави проектот за населбата Дуќанџик, за кој е издвоен буџет од 2 милиони евра, како и градежни активности во „Тенеќе Маало“. Исто така, информираше дека се очекува почеток на улицата „Ферит Мурад“ со вредност од 1 милион евра, поставување контејнери во Топанско Поле и неколку други проекти.
