ДУИ со обвинувања кон Вреди за блокирање на интеграциите – Меџити: Срамота е да ја обвинувате Вреди, 22 години бевте на власт

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Одлуката на Европската унија да ја одвои Албанија од Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, од ДУИ ја нарекуваат неуспех на векот, а за тоа ја обвинуваат ВРЕДИ затоа што, како што велат, потпишале изјава дека Албанците нема да станат дел од владата без уставните измени но излажаа.

„Поразените албански партии потпишаа предизборна декларација со која ветуваа дека никогаш нема да станат дел од влада без промена на Уставот и деблокирање на европскиот пат на земјата. Излажаа. 100 дена сторија скандали кои не уназадија 30 години и ни ја изгубија последната надеж за интеграција во Европската Унија. Вашето отворено постројување кон Русија и Кина е неприфатливо и е спротивно на определбата на граѓаните за партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија“, порача ДУИ.

Во врска со ова реагираше Изет Меџити од ВРЕДИ кој преку објава на социјалните мрежи потсети на сите одбивања на ЕУ за Македонија од 2008 до 2020 година, но како што истакна, ДУИ не најде ниту една причини да го напушти Никола Груевски и владините фотели.

„По 22 години неуспех во евроинтегративниот процес, СРАМОТА Е да ја обвинувате коалицијата ВРЕДИ дека „потфрлила„ на  патот на интеграциите. Но еј, што е срамот за бесрамниот“, вели Изет Меџити.

Инаку, Македонија останува блокирана на патот кон ЕУ, додека Албанија се очекува наскоро да ги отвори преговарачките поглавја. Иако долго време пораките беа дека Македонија и Албанија одат во пакет, сепак нема да биде така! Албанија добива зелено светло, додека неофицијално меѓувладината седница ќе се одржи на 15 октомври, а Македонија останува во чекалната.