Генералниот совет на ДУИ, по синоќешната седница, упати повик до сите политички партии во земјата кои се блиски до нивната визија, како и до интелектуалните, општествените и професионалните капацитети, да им се приклучат и да станат дел од политичката формација.
„ДУИ останува отворена за инкорпорирање и апсорбирање на целиот интелектуален и политички потенцијал во земјата, со цел унапредување на политиките и визијата што се во интерес на државата и на сите граѓани без разлика. Затоа, овој повик е упатен до сите политички субјекти, општествени, интелектуални и професионални асоцијации, да станат дел од ДУИ и од нашата заедничка визија за стабилна, демократска и развиена држава“, велат од ДУИ.
Но, колку се подготвени другите партии што се во коалицијата НАИ да ѝ се приклучат на ДУИ?
Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во емисијата „Click Plus“ изјави дека немаат намера да се претопат во ДУИ, но дека се отворени за соработка.
„Немаме ништо заедничко со ДУИ, ништо! Соработувавме за локалните избори и мислам дека таа соработка треба да продолжи, но ние имаме наша стратегија која треба да ја подготвиме и да ја презентираме на партиското собрание, кое верувам ќе се одржи на 15 февруари – 10-годишна стратегија на партијата, како и подготовки за конгресот што најверојатно ќе се одржи на есен. Со ДУИ имаме и ќе имаме соработка, но за спојување воопшто не размислуваме, бидејќи тие се левичарска партија, а ние сме десничарска“, вели претседателот на АА, Арбен Таравари.
Европската демократска партија, предводена од Аријанит Хоџа, не ја исклучува можноста. Портпаролот Лиридон Усеини изјави дека оваа иницијатива е за поздравување и дека во рамки на партијата ќе одржат седница на Централното собрание, по што ќе седнат на разговори со ДУИ.
„Во принцип, ваквата иницијатива е за поздравување, бидејќи покажува подготвеност по Конгресот и освежувањето што го направи ДУИ да ја преземе и оваа иницијатива. Затоа, утре во рамки на партијата имаме седница на Централното собрание и ова ќе се отвори како тема за дебата. Апсолутно ќе се разгледа и доколку Собранието на ЕДП даде зелено светло, ќе седнеме со ДУИ за да ги конкретизираме понатамошните чекори“, вели портпаролот на ЕДП, Лиридон Усеини.
Од Движењето „Народ“ на Скендер Реџепи – Зејди, изјавија дека се автономен политички субјект и дека така ќе продолжат и во иднина, како коалициски партнер на ДУИ.
„Оваа тема не сме ја дискутирале во партиските органи, ниту пак планираме да ја дискутираме, бидејќи сме автономен политички субјект и така ќе продолжиме и во иднина. Со ДУИ ќе продолжиме заедно како коалиција“, вели Онур Али од движењето „Народ“.
По одржувањето на Генералниот совет, од ДУИ соопштија и дека, во рамки на своите статутарни надлежности, претседателот Али Ахмети ќе има ексклузивна улога во отворањето и третманот на темите што се од витално и стратешко значење за државата, поврзани со европската перспектива, политичката стабилност и одржливиот економски развој.
