Веќе 20 години никако да се асфалтира целосно, само се санира. Главната улица во кичевската населба „11 септември“на секој чекор е со дупки, но тоа не ги спречи општинските власти и врз дупките да исцртаат бели линии кои ги делат коловозните ленти. За изведувањето на овие активности, на својата официјална страница извести и градоначалникот Фатмир Дехари.
„На улицата во населбата „11 септември“ се отворија големи дупки. Не се закрпени и уште од септември се во ваква состојба, велат жителите. Улицата последен пат е асфалтирана пред 20 години. Овојпат дупките не се пополнети, туку само е поставена патна сигнализација, односно врз нив се исцртани бели линии“, вели репортерката на ТВ21.
Жителите што ги сретнавме не сакаа да говорат пред камера, но зад објективот го изразија својот револт.
Освен улицата со дупки, жителите се пожалија и дека веќе подолго време немаат ниту јавно осветлување и дека мака мачат со паркирањето на возилата на недозволени места.
