Собранието го усвои Законот за додатоци за млади, пренесува TV21. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, информираше дека со овој закон се уредува правото на финансиска поддршка за млади работници до 23-годишна возраст, вработени во производствениот сектор. Според него, младите ќе добиваат месечен додаток од 3.000 денари, кој ќе го исплаќа Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија на нивните лични сметки.
„Со Законот за додатоци за млади се уредува остварувањето на правото на додаток за млади, постапката, условите и висината на исплатата на додатокот за млади лица до 23 години. Целта на овој закон е поттикнување на младите да се вклучат на пазарот на трудот во производствени дејности, а преку финансиска поддршка да се обезбеди подолгорочно вработување и подобрување на нивната економска состојба. Со други зборови, се обезбедува законска основа за исплата на помош за млади во износ од 3.000 денари, од сметката на Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, на сметката на осигуреното младо лице (работник) кое има до 23 години и е вработено во производствени дејности“, напиша министерот Бесар Дурмиши.
