Дурмиши: Секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и да се врати дома здрав и безбеден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник, а создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина останува еден од приоритетите на Министерството за економија и труд. Ова го истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на oдбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, каде се доделија и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.

„Безбедноста и здравјето при работа не се само законска обврска или исполнување на пропишани стандарди. Тие се основно право на секој работник, прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност. Нашата цел е јасна – секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден“, истакна Дурмиши.

Според него, брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организација на работата, покрај можностите за поголема продуктивност и економски раст, носат и нови предизвици за заштитата на работниците – како психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје на вработените, на кои треба да им се посвети внимание.

„Наш приоритет е континуирано унапредување на законската рамка, зајакнување на превенцијата и создавање услови во кои економскиот и технолошкиот напредок ќе бидат проследени со повисоки стандарди за заштита на работниците. Градиме пазар на труд во кој безбедноста и здравјето не се дополнителна обврска, туку составен дел од секој работен процес“, рече Дурмиши.

Тој изрази задоволство од интересот на компаниите кои се пријавија за Националната награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа, нагласувајќи дека нивната посветеност треба да биде поттик и пример за останатите
работодавачи. дурмиши им честиташе на наградените компании и упати благодарност до Советот за безбедност и здравје при работа, социјалните партнери и сите чинители кои придонесуваат за подобрување на условите за работа.