Два километри автопат станаа историски – се сечат ленти во Крива Паланка и Градско, но не и во Блаце

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 4 јануари беше пуштен во употреба автопатот Ранковце-Крива Паланка, дел од Коридорот 8, во должина од 25.5 километри.

Вчера, 14 јануари, свечено беше пуштена во употреба делницата Градско-Дреново, дел од автопатот Градско-Фариш, во должина од 15.5 километри.

И додека Мицкоски и Николовски сечат ленти за проекти кои ги започна претходната власт, на автопатот Скопје-Блаце никој не се појавува да сече лента, барем за првите 2 километри.

Исто како и претходната власт, така и сегашната почна да дава и пробива рокови! Тоа е затоа што од почетокот на есента 2024 година, владините функционери од ВРЕДИ, надлежни за инфраструктурни проекти, ветија дека првите 2 километри од Скопје-Блаце ќе бидат готови во ноември 2024 година.

„Овде имаме добар сигнал за првите два километри, тие ќе бидат завршени во рок од два месеци и ќе бидат пуштени во употреба“.

-Два месеци од сега …

„Да од сега…

-Значи во септември сме, на крај на октомври?

„Два месеци, да“.

„Мислам дека работата ќе биде целосно завршена во текот на следниот месец“.

-Односно во ноември.

„Да, во ноември“.

Ние сме во средината на јануари 2025 година, сепак нема никаква најава за Скопје-Блаце. Зм.министерката, Зеколи-Шаќири на прашањето зошто не е пуштен овој автопат, денеска ни рече дека автопатот е готов, но мора да се заврши и постапката за експропријација на земјиштето.

„Првиот сегмент од патот Скопје-Блаце во должина од 2 километри е целосно завршен во делот на градежните работи. Сепак, бирократските процедури за целосна експропријација на земјиштето се при крај. Тоа значи дека финансиските средства мора да се префрлат на граѓаните, сопствениците на земјиштето од кои е купено земјиштето за реализација на проектот. Ова е последната административна фаза пред да се отвори патот за сообраќај“, вели Калтрина Зеколи Шаќири.

Зеколи-Шаќири во својот писмен одговор нагласува и дека оваа двокилометарска делница, без приклучок на втората фаза од 10 километри, не е функционална бидејќи, како што додаде, не завршува на пристапна точка и не нуди комплетна патна врска Скопје-Блаце.

За втората фаза од 10 километри од патот Скопје-Блаце, зм.министерката рече дека се во постојан контакт со ЈП „Државни патишта“ и дека во моментов се врши евалуација на оваа делница и има тендер за претквалификација за избор на градежна компанија. Според Зеколи, овој процес гарантира дека ќе се избере квалификувана компанија која ќе ги гарантира највисоките стандарди за градба.