Владата ја објави просечната потрошувачка кошничка, во август биле потребни 58 475 денари за живот – 11 200 денари помала од онаа на ССМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата ја објави  просечната потрошувачка кошничка. Таа е за околу 11 илјади денари пониска од минималната кошничка која ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија. Владините пресметки покажале дека на четиричлено домаќинство во август му биле потребни просечни 58.475 денари за да го преживее месецот, за разлика од синдикалната минимална кошница која изнесува 68.676 денари. Разликата според министерот за економија е околу 19,5 проценти, а Бесар Дурмиши тврди дека таа произлегува од различните методологии.

„Според пресметките на Министерството, просечната потрошувачка кошница во август 2026-тата година изнесува 58.475 денари. Во споредба со јули зголемувањето е само 29 денари. Особено е важно што трошоците за храна и пијалоци во август се намалени за 255 денари во однос на претходниот месец.Во споредба со јануари годинава, кога кошницата изнесувала 56.381 денари, во август е повисока за 2.095 денари, односно за 3,7 проценти“, вели Бесар Дурмиши.

Министерот потенцираше дека во владината кошничка не влегуваат трошоци за кирија или рата за стан, ниту пак трошоци за алкохол и цигари. Разлики постојат и кај трошоците за храна и пијалоци, кои според пресметката на Министерството, за август изнесуваат 21.132 денари, додека во синдикалната кошница се 25.032 денари. Кажа дека таа ќе биде разгледана на 19 октомври на Економско-социјалниот совет.

„Синдикалната кошница се базира на проценка на посакуваните трошоци за живот, па за тоа вклучиле и алкохол и цигари во неа, како и трошоци за кирија, иако според податоците од пописот во 2021-вата година, 95 проценти од граѓаните живеат во свој дом, додека нашата пресметка се темели на официјални податоци за реално остварената просечна потрошувачка“, порача Бесар Дурмиши.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија порачуваат, наместо да се намалува вредноста на Синдикалната минимална кошница за 19,5 %, потребно е да се зголемат платите за 19,5%, доколку како што велат, се имаше желба да се помогне на работниците. Потенцираат само од јануари до септември годинава, трошоците на граѓаните пораснале за околу 3.000 денари, а од септември 2024  до септември годинава за над 8.000 денари.

„Дали едно семејство може просечно да живее со владината кошница е прашање за секое семејство, но дури и ваквата владина кошница ако има за цел да креира политики покажува дека платите треба да се зголемат за најмалку 6.000 денари, затоа што со две минимални плати, за да се покрие истата недостасуваат 6.383 денари, а со што се потврдуваат барањата на работниците и на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатите плати“, вели Слободан Трендафилов.

Дурмиши пак објасни дека владината просечната потрошувачка кошница опфаќа 11 категории трошоци, а при пресметката се користеле податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.