Два нови случаи со коронавирус во Македонија – заразени маж и жена од Дебар, биле во Италија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Само неколку часа откако беше соопштено дека единствената личност во Македонија заразена со коронавирус се опоравува и дека последните тестови се покажале негативни, стигна вест дека се регистрирани два нови случаи. Маж и жена од Дебар, кои на 27 февруари се вратиле од Бреша, Италија, се позитивни на коронавирус.

Кога влегле во Македонија немале симптоми. Но, неколку дена подоцна, поточно на 2-март со лесни симптоми се јавиле на матичен лекар, кој не препознал индикација за потреба од тест за коронавирус, па ги испратил на домашно лекување. Состојбата на сопружниците се влошила, тие се јавиле во болница во Дебар, ги прегледал инфектолог од Гостивар, биле земени брисеви, а денешните тестирања покажале дека имаат коронавирус.

„Нивната состојба е стабилна имаат сосема лесна клиничка слика, лесна форма на горнореспираторна инфекција, односно на грип“, истакна Венко Филипче.

Двајцата сопружници од Италија допатувале со автобус. Во него се возеле уште четириесетина патници. По влезот во Македонија, автобусот застанал во Куманов, Скопје и на крајот Дебар. Веќе се пронајдени и лоцирани сите, а по интервјуата со нив, ќе бидат преземени понатамошни мерки. По доаѓањето дома, сопружниците имале контакт само со братот на сопругата.

„Во соработка и интензивна комуникација со МВР, веќе се најдени имињата и матичните броеви на сите патници во автобусот кој што влегол на 27 минатиот месец. Во овој момент се прави идентификација, тоа значи местата на живеење. Веќе од вечерва и во текот на утрешниот ден патниците по идентификувањето, нивното лоцирање, кое што епидемиолозите ќе го направат заедно со припадници на МВР, ќе бидат интервјуирани и согласно податоците кои што ќе ги дадат, согласно нивната здравствена состојба, понатаму анализа на контактите кои тие ги имале во меѓувреме, ќе бидат преземени соодветни мерки“, додаде Филипче.

И покрај новите два случаи позитивни на коронавирусот, според Филипче, нема простор ниту препорака да се преземат нови дополнителни мерки од оние што веќе се преземаат. Воедно порача дека многу е мал ризикот за второлиниско пренесување на вирусот.Тоа што матичниот лекар не видел индиција за тестирање на коронавирусот, според министерот за здравство, се должи на тоа што многу е тешко да се даде дијагноза за нешто што е многу слично на малаксаност и на настинка. Заради тоа, рече, уште еднаш апелира на важноста од сериозно пристапување и анализа на сите пациенти.