Двајца министри на терен кај реката Пчиња – дали ќе се одземе концесијата на компанијата за ископување песок?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Коњари на местото каде што се ископува песок, отидоа министерот за животна средина Насер Нуредини и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски. Со нив беа и жителите кои веќе неколку години протестираат против ископувањето, бидејќи, како што велат, се нанесува штета и на земјоделското земјиште и на водата за пиење.

Таму беше и полицијата која стоеше во близина на реката. Министерот за животна средина рече дека Инспекторатот ја има целосната поддршка да ги види сите прекршувања што ги има направено компанијата која ја има под концесија земјата каде се врши ископот.

Вицепремиерот Љупчо Николовски рече дека никој не може да биде над законот и дека инспекцијата ќе се врши во неколку фази.

Ана Петровска, директор на Инспекторатот за животна средина рече дека концесијата е доделена спротивно законот за води.

Пред неколку дена на ова место беше и министерот за земјоделство Арјанит Хоџа. Концесиите за ископување и експлоатација ги издава Министерството за економија. Жителите своите надежи ги положуваат токму таму, но до сега ништо не е сменето. Министерството за економија, веќе неколку години и доделува концесија на компанијата Еуропрогрес за користење на песокот надвор од коритото на реката Пчиња која минува низ Коњари. Од друга страна, директорот на компанијата Еуропрогрес претендира дека не е прекршен ниеден закон што се однесува до ископувањето песок од реката Пчиња. Доделената концесија се предвидува да заврши во 2041 година.