Две жени вдишале чад во прилепското село Чаниште, интервенирала итната помош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем пожар што избувна денеска околу 13:30 часот во близина на прилепското село Чаниште брзо се проширил и навлегол меѓу куќите. Зафатени се повеќе објекти, меѓу кои најмалку една куќа во која се живеело и една штала, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Пожарникарите од Прилеп по пристигнувањето затекнале огнот веќе навлезен во селото. Благодарение на нивната интервенција, ширењето меѓу куќите било запрено, со што била спречена поголема штета.

Сепак, пожарот продолжил да се шири надвор од селото и во моментов активни се два крака во тешко пристапен терен со висока сува трева, трње и густа вегетација. Надлежните очекуваат тешка интервенција, особено поради карпестиот и стрмен терен.

На терен е ангажиран Тимот за брз одговор на ДЗС од Битола, а во гаснењето учествуваат и десетина доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола. Условите дозволуваат интервенцијата да продолжи и во текот на ноќта, со цел да се стави под контрола барем еден од активните краци.

Во пожарот неколку жители вдишале чад и биле вознемирени. На терен интервенирала и Итната медицинска помош, при што две жени по укажаната помош се во добра состојба.

Во селото сè уште има места каде што огнот догорува, а дополнителна опасност претставува и оштетен електричен столб. Ангелов упати апел до граѓаните за максимална внимателност поради високите температури и сувата вегетација.

„Доволна е само една искра за вистинска катастрофа“, предупреди Ангелов.