Случајот „Двојник“, односно аферата со двојните пасоши беше една од темите на која дебатираа во Клик Плус политикологот Филип Петровски и со аналитичарот Ненад Јовановиќ.
„Во јавност кога повикувате на чест и морал, тука најмалку има. Да потсетам дека Александар Николоски, со тие снимки излезе дека Миле Јанакиески и неговиот шеф посакуваат да се случи сообраќајна несреќа. Некој човек кога бил вклучен во такви состојби од претходниот режим, да повикуваш на ‘монтировка’, на сообраќајни несреќи, а сега да се повикуваш на морал…“, вели Ненад Јовановиќ.
Петровски рече дека овој случај се користи за партиски препукувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Аферата е сериозен проблем вели тој но се користи за политички цели.
“Она што мене ме интересира е инволвираноста на политиката, и зошто на јавноста и се сервираат само делумни информации. Зошто не се обелодени како на пример првиот пасош е издаден тогаш и тогаш, тогаш бил министер тој, бил началник тој… Треба да знаеме до детал зошто, како, што. Се соочуваме со мноштво со дезинформации, а аферата главно служи за препукување меѓу двете политички партии. Јас слушнав дека дури и намерно му била сервирана на Мицкоски за да се види што ќе обелодени.“, вели Филип Петровски.
Според Јовановиќ сериозна опозиција вакви докази ги носи во обвинителство, а не ги пласира на јавноста. Во случајот „Двојник“ уапсени се десетина полициски службеници кои биле дел од синџирот за фалсификување патни исправи и лични документи во големата акција на МВР во координација со Канцеларијата за истраги на Амбасадата на САД и Интерпол. На акцијата, која сѐ уште е во тек ѝ претходела истрага од повеќе од една година и документирање на дејствувањето на криминалната група.
