Државниот завод за ревизија утврдил сериозни неправилности, сомнителни исплати на добивки и можни злоупотреби на јавни средства во износ од речиси 2 милиони евра во работењето на Државна лотарија во текот на 2024 година. Ревизорите посочуваат на недостиг од внатрешни контроли и нефункционален систем на внатрешна ревизија, што дополнително го зголемува сомнежот за неправилно трошење на средствата.
Во ревизорскиот извештај се наведува дека се евидентирани нелогични трансакции во висина од над 122 милиони денари, како и дека дневниот готовински промет не бил редовно уплаќан на сметките во деловните банки. Уплатите од 10 продажни места, во износ од околу 750 илјади евра, не биле префрлани во законски утврдениот рок, а поради недостиг од валидна сметководствена евиденција постои сомнеж дека средствата можеле да бидат злоупотребени.
Ревизорите утврдиле и дека во текот на годината на два наврати биле извршени префрлања на средства со назнака „дневен пазар“, иако станувало збор за пари уплатени во друг период, кои биле префрлани од една на друга сметка на друштвото.
Дополнително, било констатирано дека Државна лотарија нема назначен благајник и шеф на сметководство, па финансиските трансакции ги извршувал директорот на секторот за финансии и сметководство. Тој директно исплаќал и аванси на 320 деловни соработници за исплата на мали добивки, во износ од околу 230 илјади евра. Ревизорите укажуваат дека уплатите кон исто лице се вршеле преку различни канали, а поради недоволна документација постои сомнеж за злоупотреби.
Неисплатениот фонд на добивки за инстант лотаријата, која опфаќа 12 различни видови лозови, изнесува над 63 милиони денари, со што е доведена во прашање и можноста за исплата на идни добивки. За три инстант игри со награди како станови, автомобили и електрични скутери, не постоела соодветна сметководствена евиденција за набавените добивки, а ревизорите наведуваат можност за неосновано присвојување.
Во извештајот се посочува и дека неточно бил пресметан и уплатен данокот на добивка, поради неправилно утврдена даночна основа. За рекламирање во 2024 година биле потрошени околу 3,6 милиони евра, од кои за околу 1,2 милиони евра нема документација за извршени услуги.
Ревизорите откриле и исплати за продукција на забавни емисии на државната телевизија, но не можеле да утврдат дали емисиите биле реализирани и емитувани. Констатирани се и прекршувања на Законот за јавни набавки, како и набавки на опрема без соодветна документација.
Неправилности биле утврдени и кај доделувањето спонзорства и донации, како и кај давањето заеми на други државни и општински претпријатија, што според ревизорите може да влијае на ликвидноста на друштвото. Забележани се и пропусти во управувањето со изнајмените објекти, како и отсуство на сметководствена евиденција за вложувањата.
Дополнително, од април 2024 година имотот на друштвото не бил осигуран од пожар и други елементарни непогоди, а за истата година не бил избран ниту надворешен овластен ревизор, што значи дека финансиските извештаи немаат независна потврда за нивната точност.
Ревизорите утврдиле и дека со 75 лица биле склучени договори на дело, иако тие не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи. Поради сето ова, заклучокот на ревизијата е дека не се воспоставени ефикасни внатрешни контроли и дека постои сериозен ризик од злоупотреба на јавни средства.
