ДЗР: „Мој Термин“ со прекини во одржувањето и ризици за заштитата на податоците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Системот „Мој Термин“ во изминатите години се соочувал со прекини во одржувањето, кадровски недостиг и слабости во ИТ-безбедноста, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија.

Според извештајот, од 2021 до април 2026 година системот вкупно 738 дена немал договор за одржување, односно 37,9 проценти од анализираниот период. За одржување на „Мој Термин“ и поврзаните системи биле издвоени 333,3 милиони денари, односно околу 5,42 милиони евра.

Ревизијата покажала и дека Управата за електронско здравство има пополнето само 29 проценти од предвидените работни места. Дополнително, не постојат доволно стандарди за сертификација и контрола на софтверските решенија и внесените податоци во јавниот здравствен систем.

Утврдено е дека листите на закажани прегледи не се користат во сите здравствени установи, што создава ризик пациенти без редовно закажан термин да бидат услужени пред оние кои подолго време чекаат. Во ГОБ „8 Септември“, пак, СМС потсетувањата за закажани термини во првите четири месеци од 2026 година биле испратени за само 10,1 процент од реализираните упати.

Ревизорите констатирале и слабости во евидентирањето на хируршките интервенции и листите на чекање, како и недоволни контроли од страна на Министерството за здравство.

Посебни забелешки се однесуваат на ИТ-безбедноста и заштитата на личните и медицинските податоци. Недостигаат соодветни механизми за управување со корисничките пристапи, следење на активностите и резервна копија и обновување на системите при прекин.

Ревизијата утврдила и дека приватен економски оператор го регистрирал називот „Мој Термин“, поради што е отворено и прашањето за правната заштита и интелектуалната сопственост на називот.

Државниот завод за ревизија дал препораки за обезбедување континуирано одржување, зајакнување на ИТ-безбедноста и заштитата на податоците и подобрување на контролите и управувањето со системот.