ДЗС: Пад на бројот на работници во индустријата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Индустрискиот сектор во земјава бележи намалување на бројот на работници, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Во февруари 2025 година, во однос на истиот месец во 2024 година, индексот на бројот на работници во индустријата изнесува 95,9, што укажува на пад на вработеноста во овој сектор.

Податоците покажуваат дека намалување е забележано во сите главни индустриски гранки. Во рударството бројот на работници е намален за 2,3 проценти, во преработувачката индустрија за 4,3 проценти, додека во секторот енергија падот изнесува 1,5 проценти.

Анализата по индустриски групи покажува дополнителни разлики во движењата на вработеноста. Намалување е регистрирано кај енергијата за 2,6 проценти, кај капиталните производи за 6,3 проценти, кај интермедијарните производи за 1,3 проценти, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за 6,3 проценти.

Единствен пораст е забележан кај групата трајни производи за широка потрошувачка, каде бројот на работници е зголемен за 18 проценти.

Во првите два месеци од 2025 година, споредено со истиот период од претходната година, вкупниот број на работници во индустријата е намален за 3,8 проценти.