Додека повеќето министри своите одлуки ги темелат на политички и професионални проценки, министерката за образование и наука на Федерацијата Босна и Херцеговина, Јасна Дураковиќ, одлучила да направи пауза од дел од своите активности поради – ретроградниот Меркур.
Таа најави дека ќе ги ограничи своите активности до 14 ноември, објаснувајќи дека во последните денови се соочила со низа непријатни ситуации во комуникацијата со луѓето, за кои верува дека се поврзани со актуелната положба на планетите.
Во видеообјава на социјалната мрежа ТикТок, Дураковиќ раскажала дека непријатните искуства ја натерале да размислува за влијанието на астролошките појави врз расположението и однесувањето на луѓето.
„Во изминатите денови имав навистина безброј лоши искуства во комуникацијата, така што почнувам навистина да верувам дека положбата на планетите силно влијае врз нашето расположение, однесување и комуникација“, изјавила министерката.
Таа посочила дека е родена во знакот Близнаци, со кој според астрологијата владее планетата Меркур. Додава дека ваквите проблеми особено ѝ пречат бидејќи по професија е комуниколог.
Освен што најавила ограничување на сопствените активности, Дураковиќ им препорачала и на граѓаните да избегнуваат важни договори, преговори и потпишување документи во овој период. Според неа, подобро е таквите обврски да се одложат за втората половина на ноември, кога ќе заврши неповолниот астролошки период.
Нејзината објава предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Дел од корисниците ја критикуваа ваквата одлука, додека други со доза на иронија коментираа дали поради ретроградниот Меркур треба да се одложат и испитите на факултетите.
Инаку, во астрологијата ретроградниот Меркур се поврзува со проблеми во комуникацијата, недоразбирања, технички пречки и тешкотии при донесувањето одлуки. Од астрономски аспект, станува збор за привидно движење на планетата наназад, гледано од Земјата, а не за нејзино реално менување на насоката на движење.
