Државниот завод за статистика останува на ставот дека пописот треба да го утврди резидентното население, односно населението кое реално живее во државата. Иако Уставниот суд ја укина Методологијата според која во пописот во 2021 имаше поделба на резидентно и нерезидентно население, од Заводот велат дека одлуката ќе биде почитувана, но повторно ќе се бројат само тие што живеат во државава. Институциите веќе работат на подготовка на електронски попис, кој ќе биде заснован на административни бази на податоци. Според статистичките стандарди, законот за попис треба да биде донесен најмалку една година пред неговото спроведување.
„Согласно статистичката методологија, согласно меѓународните стандарди, нема потреба од поделба, во смисол, нема потреба од опфаќање на нерезидентното население, затоа што целта на пописот е детерминирање на резидентното население, односно она население кое живее во државата и тоа е и основна статистичка дефиниција. Така што ние како Државен завод за статистика ќе ја земеме препораката на Уставниот суд во предвид“, изјави Дејан Станков, директор на Државниот завод за статистика.
Државниот завод за статистика веќе започнал подготовки за следниот попис, кој според меѓународните стандарди се очекува да се спроведе во 2031 година. Планот е пописот да биде електронски и базиран на административни извори на податоци, односно регистри што ги водат институциите. За таа цел потребно е подобрување на квалитетот на податоците и координација помеѓу институциите кои ги водат овие бази. Сепак, предизвик ќе бидат одредени бази на податоци, како таа на МВР, а посебно случаите на лица кои имаат повеќе државјанства и престојуваат во странство со помош на пасош од други земји, а формално се водат дека престојуваат во државава бидејќи не е евидентиран нивен излез. Според директорот на ДЗС, станува збор за позната слабост на административните извори, бидејќи дел од лицата кои стекнале резидентен статус во странство, не го одјавуваат статусот во Македонија.
„Овие слабост имаме статистички методи како да ги елиминираме. Затоа јас велам дека не можеме единствено да се потпираме на еден административен регистар, затоа ние во рамки на статистичкиот регистер на население користиме повеќе регистри и статистичка методологија којашто ни овозможува точно детектирање на резидентното население и елиминирање на овие поедини слабости“, изјави Дејан Станков, директор на Државниот завод за статистика.
Од Државниот завод за статистика велат дека целта е да се воспостави статистички систем кој ќе овозможи поредовно и попрецизно утврдување на населението, при што институциите ќе треба да работат на подобрување на квалитетот на административните податоци.
