Еден пат кон ЕУ но различни гледања за членството – Филипче: Обединување за црвените линии, Сиљановска: Измислен пат кон Брисел

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оваа власт нема намера да не внесе во Европската унија и не води во изолација, го повтори ставот претседателот на СДСМ Венко Филипче, откако деновиве и премиерот го повтори неговиот став дека нема да има уставни измени се додека има можност повторно да ни бидат поставени барања и вета.

Со членството во ЕУ граѓаните ќе имаат многу бенефити и ќе се подобрат секторите за кои сега постојано се жалат, вели Филипче но за да се надминат стравувањата од нови блокади, тој повикува на обединување и заеднички црвени линии.

„Да се обединиме и да кажеме за што доколку понатаму во текот на преговорите се соочиме со некои непринципиелни барања тогаш ние имаме консензус дека за јазикот, идентитетот, културата и историјата не преговараме,тоа се заеднички црвени линии и тоа во повеќе ситуации, секој од политичките партии го има потенцирано. ВМРО-ДПМНЕ го има потенцирано ние сме го потенцирале ајде да седнеме на маса заеднички да го ставиме тоа“, порача Венко Филипче.

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами коалициски партнер на власта вели дека Владата интензивно работи на реформската агенда кои се однесуваат на евроинтеграцискиот процес.

„Секое решавање на овој проблем во себе вклучува и договор со Софија за тоа како понатаму ќе продолжи процесот на интеграција, бидејќи процесот на уставните измени и внесувањето на бугарската заедница е директно поврзан со продолжувањето на евроинтеграцискиот процес. Доколку немаме појасна ситуација дека овој процес ќе продолжи со поголем интензитет, ќе биде потешко да се обезбедат бројките во Собранието за да се направат уставните измени“, вели Биљал Касами.

Но изјавата на претседателката Гордана Силјановска Давкова која рече дека државата треба да се апстрахира од статусот членство и да се апстрахира од, како што истакна, измислениот пат кон Брисел, предизвика реакции во јавноста.

Заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитриевски не сакаше да ја коментира изјавата, рече дека не разбрал што точно мислела претседателката Силјановска.

„Јас сепак не би ја толкувал претседателката, не можам да разберам во каков контекст и што точно изјавила иако читав медиуми, се разбира таа ќе треба да објасни што точно мислела, меѓутоа во секој случај ние остануваме цврсто определени кон евроинтеграциите, нема Македонија друг пат“, вели Зоран Димитриевски.

Деновиве Институтот за демократија го објави истражувањето за евроинтеграциите, во кое беше нотирано дека расте поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, но од друга страна, пак, се поголем е бројот на испитаниците кои покажале дека се против усвојување на уставните измени.