„Сакаме чистота, сакаме чистота…“
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, рече дека протестите на родителите пред училиштето „Панајот Гиновски“ се политички мотивирани. Тој рече дека во ова училиште нема неколку стаорци, туку бил забележан само еден.

Додава дека според законските процедури, училишната зграда е дезинфицирана и учениците можат да продолжат со наставата.
Запрашан за нечистотијата на тоалетите во училиштето, Костовски рече дека ќе биде ангажиран уште еден хигиеничар.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во врска со директорката на ова училиште Благородна Сотиров, која не одговара на медиумите, рече дека заложба на секој директор е да ја извршува функцијата за која е именуван и да соработува со сите институции. Предложи во ова училиште да се спроведе дератизација, а потоа и еколошка акција.
Инаку, вчера родителите го презантираа извештајот на Санитарниот инспекторат во кој се наведува дека во увидот што го извршил на 7 април било констатирано дека хигиената е на незадоволително ниво, во многу училници подовите и ѕидовите се нечисти, а корпите за отпад се преполни. Дури и тоалетите имаат скршени врати и мијалници и исшкртани ѕидови.
