Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој издржува затворска казна откако ја призна вината во случајот со 50 илјади евра, денеска сведочеше пред Кривичниот суд во одбрана на судијата Ѓоко Ристов.
Стафа негираше дека парите биле наменети за Ристов. Според него, 20-те илјади евра што ги зел биле награда за адвокатски услуги, додека другите 30 илјади евра, како што сведочеше, му ги дал Љупчо Пецов – Ѓаволот, како заем. Тој рече дека ја признал вината за да го избере, како што се изразил, „помалото зло“, бидејќи се плашел дека нема да излезе жив од притворската ќелија.
Стафа ги обвини и истражителите за притисок и малтретирање, тврдејќи дека од него било барано да изјави дека парите биле за судијата Ристов. Во судот сведочеа и претставници на одбраната, а меѓу предложените сведоци се и родителите на Ристов и самиот Љупчо Пецов.
