Денес се навршува една година од трагичниот настан што ја потресе јавноста – убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. Судскиот процес за ова свирепо дело е во тек, но најважното прашање останува без одговор: Зошто девојчето беше убиено веднаш, ако целта на сторителите била да бараат откуп?
Според обвинението, Вања беше киднапирана на 27 ноември 2023 година од влезот на нејзината зграда. Обвинетите ја ставиле во вреќа за спиење, ја врзале и ја однеле во багажникот на возилото „Цитроен“. Само неколку часа подоцна, Вања била убиена, а нејзиното тело закопано на локација што била однапред подготвена.
„Намерата била да присилат некој од блиските да даде пари за нејзин откуп,“ изјави обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска во своето воведно излагање. Сепак, никакво барање за откуп никогаш не беше доставено.
Мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, сведочеше дека нејзиниот поранешен сопруг Александар Ѓорчевски, кој е меѓу обвинетите, веднаш тврдел дека девојчето е киднапирано.
„Од првиот момент велеше дека Вања е киднапирана, а кога го прашав зошто мисли така, одговараше: нема што друго да биде,“ рече мајката на судењето.
Судскиот процес се обидува да ги разјасни мотивите за ова дело, но јавноста и семејството на Вања сè уште се без одговор. Клучната нејаснотија е зошто планот за откуп никогаш не бил реализиран. Според обвинителството, Вања требала да биде предмет на изнуда, но убиството следело брзо, што остава сомнеж околу вистинските намери на сторителите.
Дел од сведочењата укажуваат на можни внатрешни конфликти или недоразбирања меѓу обвинетите. Во еден момент, сведокот Дејан Димовски изјави дека во случај на киднапирање, сторителите би се јавиле за откуп, но тоа не се случило.
„Ако девојчето беше киднапирано, тоа ќе беше добра вест за нас, бидејќи ќе имавме трага. Мораше да се јават и да побараат пари,“ рече Димовски.
Во моментов се изведуваат вербални докази, а после нив следуваат материјалните. Обвинителството пред неколку дена објави дека имаат цврсти докази дека Љупчо Палевски – Палчо е сторителот на делото.