ЕХФ: Се покренуваат судски постапки против Алкалоид и АЕК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска потврди дека започнува дисциплинска постапка против македонскиот клуб РК Алкалоид и грчкиот АЕК Атина, поради прекинатото финале од ЕХФ Европскиот куп. Во соопштението се наведува дека случајот е проследен до надлежните правни тела на федерацијата, со цел да се истражат сите околности поврзани со немилиот настан.

Како клучни точки во истрагата се наведени дистрибуцијата на билети за гостинските навивачи од страна на РК Алкалоид, како и одлуката на АЕК Атина да не влезе на теренот и да го одбие натпреварот, само неколку минути пред предвидениот почеток.

„Секој клуб е повикан да даде официјална изјава и објаснување за своите постапки. Текот на понатамошната постапка ќе зависи од добиените информации и ќе биде воден од судските органи на ЕХФ. Јавноста ќе биде информирана по донесување на конечна одлука“, соопшти федерацијата.

Реванш натпреварот, кој требаше да биде историски момент за двата клуба, заврши без борба на терен, а ситуацијата предизвика бурни реакции во спортската јавност. Одлуката на АЕК да не настапи беше проследена со обвинувања за недоволна безбедност и проблеми со пристапот на нивните навивачи до трибините.

Сега, очите на ракометната јавност се вперени кон ЕХФ, која треба да одлучи дали некој од клубовите ќе биде санкциониран, дали ќе се одигра нов натпревар или пак ќе биде доделен службен резултат.