ЕК: Вакцинирањето на децата против Ковид-19 не е политичка одлука

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одлуката за вакцинирање на децата против Ковид-19 не е политичка, туку одлука заснована на научни докази, изјави официјален претсатвник од Европската комисија за бриселскиот портал Еурактив.

– Воспоставувањето и спроведувањето стратегии за вакцинација е одговорност на земјата-членка. Тоа вклучува одлука за вакцинирање на деца. Покрај владините одлуки, ова е секако и конечната одлука што родителите ќе ја донесат со своите деца, истакна тој.

Европската агенција за лекови (ЕМА) на 28 мај ја одобри употреба на вакцината Фајзер за деца на возраст од 12 до 15 години. Германија објави дека од 7 јуни ќе почне да ги вакцинира тинејџерите, додека некои држави посочија дека сакаат нивните деца да бидат вакцинирани кога ќе започне новата учебна година.

ЕК ја поддржува вакцинацијата на деца затоа што е многу веројатно дека Ковид-19 ќе стане ендемски вирус сличен на грипот.

– Постојаното присуство на вирусот ќе придонесе да биде пожелно вакцинирањето на деца, бидејќи циркулацијата на вирусот може да биде опасност за појава и ширење на разни соеви на вирусот, посочи неименуваниот претставник на ЕК.