Вчера вечер, недела, околу 22 часот експлодираше градската водоводна линија Ф-600 во Влае. Денеска, екипите на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ го санираа дефектот. Огромниот багер, со голема прецизност меѓу повеќе кабли успеа да го отстани оштетениот дел.
„12 часа откога експлодираше цевката Ф-600, екипите на „Водовод и канализација“ работат на санирање на дефектот. Во овој момент се отстрануваат старите делови од цевката и се планира да се воспостави нов дел, кој што ќе го нормализира во потполност водоснабнувањето во Град Скопје“, вели репортерот на ТВ21, Горан Теменугов.

Жителите кои гравитираат околу цевката која ја разнесе улицата, велат дека дефектот бил како експлозија и дека тоа се случило околу 21 часот и 30 минути.
„Како бомба некој да имаше некој фрлено и почна да бучи. Излеговме тука на Вардар, видовме дека имаше два метра вода во воздух и дека улицата беше поплавена, а водата беше насочена кон Вардар, према кејот. Почна да го корне кејот.“, рече граѓанин.
Граѓаните се јавиле во „Водовод и канализација“, по што екипите излегле на терен и почнала санација на дефектот. Била исклучена водата и во овој реон ја снемало околу 23 часот. Неколку часа подоцна дошла со намален притисок.

Инаку, од ЈП „Водовод и канализација“ индиректно за дефектот ја обвинија Електродистрибуција.
„Поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем. Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се два дефекта истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите.“, велат од ЈП Водовод и канализација.

Од Електродистрибуција пак велат дека ова не е вистина. Напојувањето било согласно и во граница на пропишаните стандарди и не биле регистрирани никакви отстапувања.
„Дефектот на кабелот помеѓу трафостаницата „Влае 2“ и трафостаницата „Влае 1“ настанал во 18:18 часот во недела 05.10.2025. При лоцирање на дефектот се направени исклучувања на извод „Карпош на дел од извод „Влае“. Санацијата на дефектот е завршена во 20:50 часот од страна на екипите на Електродистрибуција. Прекинот на водоснабдувањето настанал повеќе од еден час подоцна од завршувањето на санацијата од страна на екипите на Електродистрибуција, односно околу 22 часот.“, велат од Електродистрибуција.
За жал, директорот на ЈП „Водовод и каналзиација – Скопје“ Тони Миновски не се јави на телефонските повици за да ни одговори на неколку прашања, меѓу кои дали опремата околу бунарите има заштита од варирање на напон. Инаку, додека екипата на ТВ21 беше на терен, на местото се појавија инспекции од Град Скопје. Беа таинствени, но почнаа да ги чешлаат околните објекти кои се во градба.

„Еве гледате сами зградата каде е, доаѓаат мешалици, доаѓаат пумпи, по цела улица има. И тоне асфалтот.“, рече граѓанин.
Жителите велат дека овие цевки се сменети на почетокот на 90 – тите години, но дека уличката последните години е исклучително прометна и по неа се движат тешки товарни возила.
