Еколошка катастрофа му се заканува на Оман, 110.000 тони нафта истекоа од руски танкер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сателитски снимки покажаа потенцијална еколошка катастрофа што се развива покрај брегот на Оман откако танкер за нафта се насука, објави ДПА во четврток. Сликите покажуваат зголемени количини на нафта што истекуваат од танкерот „Каролине Безенги“, долг 270 метри, за кој се верува дека е дел од таканаречената руска флота во сенка.

Нафтената дамка се зголемила и сега покрива површина од околу 600 квадратни километри, соопшти еколошката организација „Гринпис“ во среда. Танкерот носи околу 110.000 тони сурова нафта, речиси три пати повеќе од количината на нафта што се истури во познатото истекување од 1989 година од танкерот „Ексон Валдез“ покрај брегот на Алјаска.

„Каролине Безенги“ се наоѓа во еколошки чувствителен регион покрај брегот на Оман. Според „Гринпис“, тоа е потенцијална катастрофа за морските желки, птиците преселници, морските цицачи и коралните гребени. Водите околу заштитените острови во областа, каде што се размножуваат морските птици и желките ги положуваат своите јајца, се дом и на реткиот арапски грбав кит.

Танкерот, кој е предмет на санкции од Европската Унија, веројатно натоварил нафта во руското пристаниште Новоросијск, според компанијата за анализа на сателитски податоци „Синмакс“. Се верува дека бродот имал инцидент на море на почетокот на јуни, по што престанал да ги пренесува податоците за својата локација. Танкерот наводно се движел кон пристаниште во Индија.

Постојат шпекулации дека бродот можеби бил нападнат со мини од Украина, која постојано напаѓа бродови од руската флота во сенка. Бродот е во сопственост на компанија во Кина која, како и другите бродови во флотата во сенка, наводно е поврзана со фиктивна компанија во Шангај.