Партиски обвинувања за тоа кој вистински се бори за здравјето на граѓаните во услови на пандемија од коронавирусот. За ВМРО-ДПМНЕ тоа се лаги, а мерките кои се донесуваат велат дека се само за поткуп на гласачи.
„Лагата на Заев дека мерките на СДСМ ќе имаат ефект за закрепнување на економијата е иста со онаа лага дека од Арачиново ќе има 300 пилоти. Едно е исто и тогаш и сега, време е за избори, а Заев ветува што ќе му текне на памет. Ниту тогаш исполни, ниту пак сега ќе исполни. Исто како што нема 600 километри автопат, 500 евра плата, 100.000 денари плати за лекарите, исто како што не ги врати младите туку напротив ги исели. Три години со Заев, три години живот со лаги“, истакна Владимир Нелоски.
Од СДСМ велат дека нема да дозволат како што велат тие ниту еден неодговорен политичар како Мицкоски, да ги попречи демократските процеси и вештачки да создаде криза.
„Економијата која е во фаза на трансформација и рестартирање да не ја запреме со изборен процес наесен. Да обезбедиме институции со полн легитимитет кои ќе придонесат за брза трансформација на македонската економија. Создадени се услови за одржување на избори во втората половина на јуни, што е потврдено и од здравствените власти, но и од позитивниот одговор на ОБСЕ/ОДИХР дека се подготвени да продолжат со набљудувачката мисија“, посочи Костадин Костадинов.
За СДСМ одржувањето на изборите од здравствен, економски и демократски аспект е да се одржат во прв можен рок, со што најмалку би се наштетило на државата и економијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак се децидни дека досегашните мерки немаат ефект, бидејќи биле доцна проектирани и не се преземале на време, додаваат дека имаат план за заживување, обнова и воспоставување на морален кодекс.
