Колку работниците се заштитени со економските мерки кои ги предложи Владата. Дел од експертската јавност вели дека тие се недоволни и дека се стравува од можни масовни отпуштања и затоа бараат позасилени мерки. Фирмите да добиваат финансиска помош исклучиво доколку не го намалиле бројот на вработени од февруари кога почна кризата, а не од моментот на аплицирање за добивање на поддршката велат тие. Министерката за финансии Нина Ангеловска во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус вели дека целта на овие мерки не е да се бројат колку ќе има отпуштања, туку да се минимизираат штетите.
„Првата мерка која што беше презентирана токму целта е со поддршка на стопанствениците да ги задржат работните места за да кога ќе дојде моментот на опоравување побрзо почне постапката на обнова на економската активност. Оние компании кои што затвориле и кои што немаат во моментот можност да ги држат и да ги платат целосно работниците да ги пратат дома што се вели, со 50 проценти од платата која ја добивале.“, рече Ангеловска.
Наспроти ваквиот став на министерката, за потпретседателката на Сојузот на Стопански комори Габриела Кулебанова мерките се недоволни и нема да ја постигнат целта за зачувување на работните места.
„Ние конкретно доставивме до Владата следниве барања: да се даде поддршка во однос на платите од 100 посто нето плата како прво и основно барање уште од самиот почеток на кризата од 11 март. Второто барање е да се излезе во пресрет на плаќање на придонесите и даноците за платите на вработените во следните три месеци.“, изјави Кулебанова.
Сепак како дел од помошта во овие кризни моменти се и најавите од УЈП дека нема да изрекуваат казни за да има одредени олеснувања на фирмите и граѓаните.
„Ги прекинуваме сите процеси на присилна наплата од страна на Управата за јавни приходи согласно нашите материјални закони по кои што постапуваме, дека нема да изрекуваме казни, односно глоби согласно тоа дека како УЈП сме и прекршочен орган.“, вели Лукаревска.
Уште на самото презентирањето на сетот економски мерки на Владата, покрај стопанските комори реагираа и дел од бизнис заедницата од каде беше речено дека тие се недоволни и нема да ги заштитат работниците.
