„Економски раст и стабилизирана инфлација“ – Мицкоски: Повторно тврдам дека сме меѓу четирите најдобри во Европа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не можам да кажам дека сите проблеми се решени, бидејќи многу проблеми се наследени. Но, она што е важно е дека работиме и дека се трудиме сето она кое што е наследено да го решаваме. Ова го порача премиерот Мицкоски, кој тврди дека резултатите на економски план по нешто повеќе од две години, почнале да излегуваат на површина. Според него, не само што економијата закрепнала, туку имаме раст кој е еден од најголемите во Европа. Вели дека раст е забележан во индустриското производство, а инфлацијата конечно е стабилизирана.

„Овој раст од 4,3 проценти, кога ќе се додаде и растот во првото тримесечје од 3,1 процент, дава од прилика една бројка од 3,7 проценти во првото полугодие од оваа година, што е еден од најсилните во Европа. Сега, повторно ги повикувам оние на социјалните медиуми да почнат да ме исмејуваат, но јас ќе си стојам на мојот став, дека ова еден од четирите во моментов најголем раст на БДП и во првата половина од годината и во второто тромесечие, при услови кога имаме за истиот квартал во 2025 година 3,5 проценти раст“, порача Христијан Мицкоски.

Што се однесува до јавниот долг, според премиерот Мицкоски, двете тези на опозицијата се небулозни и покажуваат непознавање на темата. За првата теза, зошто не биле запишани заемите што Јавното претпријатие за државни патишта ги зема, премерот вели дека затоа што тие не влегуваат во јавниот долг. Додава дека тоа се рамковни заеми, односно како се завршуваат активностите, така се испорачуваат фактури и се повлекуваат заеми и се плаќаат. За втората теза, Мицкоски со одговор:

„Втората теза им беше, зошто онаа одлука на Владата за 31 август за задолжување на меѓународен пазар не била во ребалансот на буџетот, затоа што таа е, за да се издаде Еврообврзница во следната година, за да може да ги вратиме нивните долгови“, рече Христијан Мицкоски.

Опозициската СДСМ и денес преку соопштение, обвини дека владата манипулира со информациите за јавниот долг.

„Откако СДСМ јавно го објави документот за ново задолжување на граѓаните од 1,3 милијарди евра владата се обидува да се оправдаат со нови лаги и манипулации. Вистината е дека владата на Мицкоски нема пари во буџетот и не може да ја затвори ниту оваа фискална година без ново задолжување. Вистината е дека се преговара и за нови долгови со некои кредитори. Вистината е дека до крајот на годината ќе мора да има ново поголемо надворешно задолжување и тоа ќе биде екстремно скапо со вонредно висока камата“, велат од СДСМ.

Вчера, лидерот на СДСМ, Венко Филипче обвини дека Владата планира ново задолжување за сума од 1,3 милијарди евра и тоа во моменти во кои што, како што вели, граѓаните се соочуваат со сè потежок животен стандард, а компаниите чекаат огромни средства за поврат на ДДВ.