Извозот на стоки од Северна Македонија во периодот од јануари до јули годинава достигнал вредност од 5 милијарди и 102,9 милиони евра. Во однос на истиот период лани, извозот е зголемен за 8,4 проценти.
Раст бележи и увозот. Во првите седум месеци од годинава биле увезени стоки во вредност од 7 милијарди и 199,3 милиони евра, што претставува зголемување од 7,8 проценти во споредба со истиот период во 2025 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во извозот најголемо учество имаат катализаторите со благородни метали или нивни соединенија, сетовите проводници за палење за возила, авиони и бродови, деловите за седишта, како и други видови катализатори.
Кај увозот, најзастапени се платината и легурите на платина, другите метали од платинската група, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, како и моторните возила за превоз на лица.
Во периодот јануари–јули, најголем обем на надворешнотрговска размена Северна Македонија остварила со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие пет земји заедно учествуваат со 49,4 проценти во вкупната надворешнотрговска размена.
Земјите членки на Европската Унија, пак, учествуваат со 58,7 проценти во вкупната размена на Северна Македонија.
