Рестрикции за посета на стари лица, затворени гимназии и универзитети, основните училишта и градинки отворени, настава се одвива на дистанца. Продавници и маркети работат. Нема ограничување на движењето, но има задолжителна физичка дистанца.
Веројатно она што го читаме на интернет дека на Шведска воопшто не и е гајле за новиот коронавирус, сепак не е така. ТВ21 разговараше со Лилјана Кочоска-Мараш, доктор по медицински науки, специјалист на гинекологија и акушерство, а работи како висок медицински советник на клиниката Ултрајин Софијахемед во Стокхолм.
Докторката Мараш вели дека и во Шведска има мерки против коронавирусот, но сепак тие повеќе се сведуваат на препораки, а не уредби. Но, дисциплината на Швеѓаните е на високот ниво. Сепак, ниту самите власти во оваа земја не се убедени дека нивниот пристап е правилен.
„Што се однесува до тоа дали Шведска успеала во намалувањето на бројот на заразените, ние тоа допрва треба да го видиме. Значи, дали овие мерки се покажале ефективни во што институциите сами веруваат, како и голем број граѓани, тоа допрва трева да се покаже. Состојбата ваква каква што е, е само месеци ипол, анализите ќе покажат дали е Шведска во право“, вели Лилјана Кочоска-Мараш.
Доктор Кочоска-Мараш, вели дека државите не треба да се споредуваат меѓусебно во спроведувањето на мерките. Бидејќи постојат разлики во самите навики на населението.
„Луѓето ги почитуваат мерките или препораките за самоизолација, препораките за лична хигиена, да не се посетуваат постарите личности. Секако дека и тука има пропусти, но е комбинација на доверба во институциите и самодисциплина“, додава Лилјана Кочоска-Мараш.
Светската здравствена организација го пофали шведскиот одговор на епидемијата на коронавирусот, нарекувајќи го дури „модел на иднината“.
Д-р Мајк Рајан – главен извршен директор на програмата за вонредни ситуации на СЗО, застана цврсто во одбрана на пристапот на оваа скандинавска земја кон справувањето со коронавирусот, која стана мета на силни критики од јавноста за благите мерки што ги воведе.
Според последните податоци во Шведска има 21 илјада заразени и 2585 смртни случаи.
Целото интервју ќе може да го погледнете вечерва во 19:10 часот на ТВ21.
