Година на економски раст и развој и повеќе пари за сите. Ова се ветувањата на власта за годинава во поглед на економијата. Планира да ги реализира со многу работа, но и со концептот заснован на инвестиции.
„Инвестициите се основата за поразвиена економија и посилни и поконкурентни компании, повеќе приходи во буџетот, подобри услуги кои се финансираат од парите на граѓаните – образование, здравство, социјални услуги, инфраструктура и слично. Тоа ќе значи подобар стандард за граѓаните и повисоки плати и повисоки пензии.“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Економски и социјален раст и развој и повисок стандард. Повеќе пари за сите.
Но, што не чека во 2025 година?!
На почетокот, сè уште се бориме со високите цени. Откако пред новогодишната кошничка цените на дел од основните прехранбени продукти се покачија за 25% сега сите очи се вперени во Законот за нефер трговски практики. Тој веќе треба да ги казнува алчните трговци кои неосновано ги покачуваат цените на храната.
Кој што ќе добие?!
Пензионерите во март уште 2.500 денари зголемување на пензиите, а во септември законското усогласување уште околу 4%.
Вработените во здравство и образовани уште едно зголемување на платите. Раст од 30 проценти ќе има и на платите во Службата за општи и заеднички работи и во Владата. Кои други административци ќе добијат повисоки плати за сега не се знае.
Битката пак за минималната плата за сега е статус – кво. Синдикатот бара 450 евра, работодавачите не попуштаат од законското усогласување, со кое би била околу 24.400 денари, а толку би требала да биде и според министерот за економија Бесар Дурмиши.
Кои се ризиците за домашната економија?
Бизнисот уште од крај на 2024 година ги чека 250-те милиони евра од унгарскиот кредит. Верува дека тие ќе ги поттикнат инвестициите и растот.
Експертите стравуваат дека кризата во германската може да влијае негативно на домашната економија.
Стравуваат и дека нема да се реализираат буџетските проекции. Под знак прашалник ги ставаат приходите од 5,8 милијарди евра, но и капиталните инвестиции проектирани на над 820 милиони евра.
„Историски гледано, ние реализираме до 40 % капитални инвестиции и за очекување е дека ќе имаме пак ребаланс на Буџет , затоа што ќе ги кратиме овие капитални инвестиции“, вели Абил Бауш.
Зголемување на ДДВ, стапката на придонес но и на старосната граница за пензионирање, според власта дефинитивно нема да има. Но, според експертите без реформи тешко ќе собереме 6,5 милијарди евра во буџетот.
„Преголемите расходи кои што достигнуваат 40 % од БДП и учеството на вкупните јавни приходи, достигнуваат некаде 36,5- 37% од БДП, што Фискалниот совет цени дека при денешното ниво на даноци и структура на даночниот систем многу тешко да се оствари“, вели Глигор Бишев.
Владата очекува економијата догодина да порасне 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на 2,2 проценти
Но што очекуваат граѓаните?
„Уште се јаде нема проблем. Само да не е полошо“.