Ова е сликата пред експозитурите на Алта Банка АД Битола низ Македонија денеска.
Вкупно 19 експозитури колку што ги има низ Македонија, денеска не работат. Тоа е известувањето кое стои на вратата од оваа банка. Пари од банкомат не можат да се подигнат, а со одлука на Народната банка неделниот лимит кој што може да се подигне е 10.000 денари по лице.
Граѓаните загрижени за нивните пари.
„Сега дознавме преку телевизиите. Јас не знаев, отидов да платам вода и ѓубретарина, но картичката не работеше. И картичките се блокирани. Двапати имам подигнато пари, еднаш 5.000, еднаш 3.000, а сега не знаеме како ќе оди оваа процедура.“
„За 10.000, да, но 10.000 не ти даваат денес. Се обидовме да подигнеме пари, но воопшто не ни даде. Ние дури и не сме информирани дека банката ќе се затвори. Вучиќ изгуби во Белград и ги затвораат банките и овде. Изгледа ова било на Србија, а не на Македонија. Треба да се жалиме, затоа што некои подигаат пари со картички, но оние што немаат картички, од каде да ги земат парите? Има многу луѓе што немаат картички. Еве, јас немам од каде да ги земам.“
„Јас работам со правни лица. Од вчера гувернерот на НБРМ даде известување дека може, заради контрола на средствата од новонастанатата ситуација, да се подигнуваат по неделен лимит од 10.000 денари. Сега, не знам како тоа ќе се одрази врз штедачите, врз имателите на сметки.“
„Не знаеме ништо, сега дознавме.“
„Дојдовме да земеме барање за повлекување, за да се повлечеме од оваа банка, но ја затвориле. Ќе бараме решение, но не знаеме каде да се жалиме. Бевме во Центарот за социјална работа, зедовме потврда дека сме пензионери, а овде нема телефонски број на кој можеме да се јавиме. Имаме картичка, подигнавме 10.000 денари, а други 10.000 следната недела.“
Народната банка, во писменото соопштение, соопшти дека АЛТА банка АД Битола продолжува да работи, но под привремена администрација и со ограничувања на располагањето со парите.
„Воведувањето администрација е времена мерка со која управувањето со имотот и работењето на Банката привремено се врши преку лица именувани од Народната банка. Целта е да се зачува стабилноста на Банката и да се заштитат средствата и интересите на нејзините клиенти до промената на сопственичката структура“, велат од НБРМ.
Како што велат од НБРМ, за физичките лица е определен неделен лимит за одлив од сметките во износ од 10.000 денари, кој може да се користи со картичките издадени од Банката за готовински подигања и плаќања кај трговци. Внатрешните плаќања од сметките на физичките лица кон сметките на други физички и правни лица во рамките на Банката остануваат овозможени во неограничен износ.
Правните лица ќе може да извршуваат само внатрешни плаќања од своите сметки кон сметките на други правни и физички лица во рамките на Банката во неограничен износ. Правните лица нема да можат да изнесуваат средства надвор од Банката преку платните системи во земјата, а ниту пак преку повлекување готовина од банкоматите или шалтерите на Банката. Приливите од странство преку СЕПА и кореспондентното банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливите кон странство привремено ќе бидат прекинати и за физичките и за правните лица.
