По натпреварот со Велс, Бојан Миовски не го криеше разочарувањето по примениот гол во 96-та минута со кој Македонија остана без победата.
Токму Бојан беше стрелецот на голот за нашата национална селекција во 91-та минута, но падот на концентрацијата во последните секунди пресудија наместо посакуваните три, вечерва да освоиме само еден бод.
„Примивме гол во последните десет секунди, тоа може само да ни биде мотив за во иднина, да не издигне како репрезентација. Болно е да се зборува кога ќе примите гол во самиот финиш. Знаевме дека играме со одлична репрезентација, 90% од играчите им се од Премиер-лигата. Останавме компактни, чекавме своја шанса, што дојде во вистински момент… За жал, кога мислевме дека се е завршено, пресуди тој психолошки момент, а селекција како Велс знаеше како да го казни тоа. За да играте на едно СП морате да сте фокусирани од почеток до крај на секој натпревар… нормално дека е болно сега да зборуваме за тоа, ќе видиме, ќе анализираме со ладни глави и ќе продолжиме понатаму… Одиме од меч во меч, следна е Белгија уште една одлична репрезентација, можеби со подобри поединци од Велс, но мислам дека Велшаните се подобра колективна репрезентација“, изјави Миовски.
Тој се осврна и на оној момент од 59. минута, кога мечот беше прекинат, за сите присутни на стадионот со громогласен аплауз да упатат последен поздрав до жртвите од страшната трагедија во Кочани.
„Нормално, беше тешко да се играат овие две средби по она што се случи во Кочани. Благодарност до целата јавност за поддршката во овие 90 минути. Навистина е жално, но животот продолжува… жртвите нека почиваат во мир“, изјави Миовски.
И еден од најдобрите македонски фудбалери, Елиф Елмас, како и соиграчите не може да ја сокрие болката од начинот на кој Македонија вечерва испушти победа над Велс во 2. коло од квалификациите за СП 2026, со гол примен буквално во последните секунди од средбата.
Видно потресен Елиф Елмас застана пред македонските медиуми искажувајќи ја својата огромна жал за испуштениот триумф.
„Искрено, премногу ни е жал. Бевме тактички одлични, на високо ниво и мислам дека само може да жалиме за изгубените бодови. Но, таков е фудбалот, некогаш во 90. минута ќе дадеш гол, а некогаш и ќе дадеш и ќе примиш“ – вели Елмас и дополнува:
„Сепак, имавме одличен тактички натпревар и тоа треба да не носи во иднина. Имавме против нас противник со 80% играчи од Премиерлигата, а ние бевме пред победа на едно навистина високо ниво. Ова е добар знак за нас затоа што гледаме дека можеме со сите, напредуваме, целта ни е да одиме се погоре и погоре. Мора со ладни глави да продолжиме понатаму во овие квалификации затоа што ни следат многу важни мечеви во јуни против Белгија и Казахстан“.
Во следното коло Македонија на 6. јуни на домашен терен, ја пречекува Белгија.
