Бројот на напуштени змии и други егзотични домашни миленици во Велика Британија е во пораст, соопшти денес британската организација за спасување животни „Пет Енконтер“, откако змија беше пронајдена на полица за леб во супермаркет.
„Пет Енконтер“ соопшти дека минатиот месец пронашле бебе змија на полица за леб и ја однеле кај ветеринар на преглед.
Не е познато дали змијата, со прекар „Куки“, била напуштена или избегала, но „Пет Енконтер“ изјави дека кризата со трошоците за живот придонела за зголемување на бројот на сопственици кои предаваат змии за кои повеќе не можеле да се грижат.
Организацијата досега спасила 21 змија оваа година, а 14 биле спасени во текот на целата 2025 година.
Бен Николсон од организацијата рече дека грижата за змиите вклучува трошоци за опрема, грејни влошки и светилки, што е дополнителен финансиски товар во време на криза со трошоците за живот.
„Ја основавме „Пет Енконтер“ за едукација, но сега размислуваме да го промениме нашиот бизнис модел и да станеме добротворна организација за да можеме да добиеме финансиска поддршка“, изјави Николсон за Би-Би-Си.
Николсон рече дека недостатокот на свест за егзотичните животни и актуелните трендови, исто така, придонеле за зголемувањето на напуштањето на домашните миленици.
Тој предупреди дека луѓето често купуваат змии без да бидат свесни за количината на грижа и внимание што им е потребна на таквите животни.
