Енергетската криза и зголемувањето на цената на струјата беа темите со кои започнаа пратеничките прашања на денешната собраниска седница. Претседателот на СДСМ, пратеникот Венко Филипче, го праша премиерот зошто и по речиси две години владеење не е направено ништо за зајакнување на енергетскиот сектор за производство на струја, зошто не се произведува со максимални капацитети, поради што сега увезуваме скапа струја и прогласуваме кризна состојба.
-Зошто сега мора да има поскапување на струјата за граѓаните, што ќе повлече и други поскапувања, раст на цените, кога гледаме дека во овој период не сте направиле ништо за да ги контролирате?! – вели Венко Филипче, пратеник од СДСМ.
-На ова прашање, г. Филипче, најдобро ќе ви одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, г. Бислимовски, брат на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски. РКЕ, по закон и по Устав, е независно тело – не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање. А сега за енергетските капацитети: за една и пол година, повеќе од 50 лица кои го уништиле тоа што го остави претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, кога јас бев директор на ЕЛЕМ, се или под истрага или во судски постапки. Додека поранешниот директор, висок функционер на СДСМ, е во бегство, вели премиерот Христијан Мицкоски.
-Ако во периодот на нашето владеење, во голема криза, кога цената на струјата беше 5 или 6 пати повисока, успеавме да ја контролираме, наместо сега да се намалува, ако сте имале толкав капацитет да го менаџирате системот, требаше тоа да го направите изминативе години, за сега граѓаните да немаат дополнителни трошоци на сметките за струја. Нема оправдувања, не знам како не го разбирате тоа! Овој пристап, овие спинови – „ама вие сте виновни“ – не поминуваат! Ако има криминалци, тие ќе одговараат, вие треба да се фатите за работа, вели Венко Филипче, пратеник од СДСМ.
Загриженоста за поскапувањето на струјата и прогласувањето кризна состојба за мазут ја покрена и пратеничката од Европскиот фронт, Рина Ајдари, која ја праша министерката за енергетика што правеле цело лето за да не дојде до ваква состојба.
-Ситуацијата покажува дека во текот на летото државата не направила подготовки и воопшто не предвидела дека ќе дојде ден кога граѓаните и државата ќе се соочат со ваква криза. Зошто да се најдеме во ваква ситуација кога мазутот, за кој сега дискутирате и го направивте тема во јавноста, сте можеле навреме да го обезбедите и да се подготвите како што доликува на една сериозна држава, вели Рина Ајдари, пратеничка од ДУИ/ЕФ.
-Прашавте што сме правеле во текот на летото. Никој не можеше да предвиди дека земјоделците во Грција ќе протестираат со денови токму сега. Во спротивно, АД ЕСМ, кое е под Владата, односно Министерството нема директни надлежности, ги има спроведено тендерските постапки. Сепак, како одговорни, прогласуваме 7-дневна кризна состојба, што значи дека како одговорна Влада, без надомест, ќе ги дадеме резервите на мазут, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика.
Контра одговорот што Божиновска го доби од Ајдари беше дека е скандалозно на граѓаните да им се каже дека кризата доаѓа поради неможноста да се обезбеди мазут, кога оваа влада формираше посебно Министерство за енергетика кое не успеало да изготви план за справување со кризата.
