ВИДЕО Зеленски објави снимка од украинските напади во Русија: „Војната мора да заврши“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео од најновите напади на украинските сили врз цели на руска територија, оценувајќи дека станува збор за прецизен одговор на, како што наведе, продолжувањето на војната и нападите врз украинските градови.

„Нашите операции со долг дострел се доследен и прецизен одговор на тоа што Русија ја одолговлекува војната и продолжува да ги напаѓа украинските градови и населени места“, напиша Зеленски.

Тој соопшти дека во текот на ноќта единици на украинските одбранбени сили го погодиле складиштето за нафта „Полтавска“ во Краснодарскиот регион, кое се наоѓа на околу 300 километри од линијата на фронтот.

Според Зеленски, утрово украинската Служба за безбедност (СБУ) извела напад и врз две рафинерии во рускиот град Уфа – „Башнефт-Уфанефтехим“ и „Башнефт-Новоил“, кои се наоѓаат на околу 1.500 километри од фронтот.

„Го спроведуваме нашиот план за операции со долг дострел. Им благодарам на сите украински војници кои ја обезбедуваат нашата прецизност“, порача украинскиот претседател.

Во својата објава, Зеленски повторно ја повика Русија да се насочи кон дипломатско решение.

„Русите треба да размислуваат за вистинска дипломатија, наместо повторно да се обидуваат да ги измамат другите или да купуваат време. Војната мора да биде завршена“, истакна Зеленски.