Македонската и косовската влада одржаа заедничка меѓувладина седница во Приштина по која се потпишаа протоколи и меморандуми за соработка.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија и Министерството за економија на Република Косово, потпишаа Меморандум со кој се поставуваат темелите за интензивирање на билатералната соработка во енергетскиот сектор. На потпишувањето присуствуваа и премиерите на двете земји, Христијан Мицкоски и Албин Курти.
Меморандумот го истакнува заедничкиот интерес на двете земји за развој на стратешко партнерство во енергетиката преку усогласени политики и активности кои ќе придонесат за економски раст, енергетска сигурност и рационално користење на природните ресурси.
Со потпишувањето на овој документ, Македонија и Косово се обврзаа да соработуваат на повеќе клучни области, вклучувајќи:
- Промоција на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
- Размена на експертиза и информации меѓу јавните компании.
- Развој на инфраструктурни проекти од заеднички интерес.
- Истражување на можностите за размена на електрична енергија и ресурси.
„Со овој меморандум ги зајакнуваме не само нашите енергетски системи, туку и нашата визија за стабилен, одржлив и поврзан регион. Уверени сме дека оваа соработка ќе донесе значителни придобивки за двете земји и ќе послужи како пример за партнерство во Југоисточна Европа.“, истакна Министерката Сања Божиновска.
Меморандумот ја нагласува важноста на енергетската транзиција и неопходноста од заеднички напори за одговор на глобалните енергетски предизвици, особено во контекст на климатските промени и енергетската криза.