Шестмина пациенти заразени со коронавирус починале во последните 24 часа во земјава. Четворица се од Скопје и двајца од Тетово, информираат од Министерството за здравство. Во меѓувреме се регистрирани 156 нови случаи со Ковид-19, со што вкупниот број на заразени во земјава се приближува до 5 илјади. Во текот на последните 24 часа најмногу случаи на заразени имаме во Скопје, 100, Тетово 19 и Куманово 11.
Од почетокот на епидемијата пет градови се со најмногу заразени, предводи главниот град каде има речиси ист број како во сите други градови заедно.
Министерство за здравство:
Скопје 2343 заразени
Куманово 679 заразени
Тетово 500 заразени
Штип 260 заразени
Прилеп 230 заразени
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека порастот на бројот на заразени е поради масовното тестирање кое е спроведено и дека според предвидувањата, во периодот што следи ќе се намалува бројот на заразени со Ковид-19.
Во текот на последните 24 часа се регистрирани 27 оздравени пациенти, од кои 10 се од Скопје, 10 од Тетово, 3 од Штип, 2 од Неготино и по еден од Велес и Битола. Исто така МВР информираше дека во текот на последните 24 часа , 705 лица ја прекршиле мерката за носење на маска, на 702 лица им е издадено решение за изолација, а 210 потпишале решение за самоизолација како последица на пандемијата со Ковид-19.
