Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно упати остри критики кон израелската Влада, оценувајќи дека таа е „зависна од војната“ и обвинувајќи ја дека ги поттикнува тензиите на Блискиот Исток и ги поткопува дипломатските напори за намалување на конфликтите.
„Од наша страна, ги поддржавме и продолжуваме да ги поддржуваме сите чекори што ќе придонесат за намалување на тензиите во нашиот регион и за решавање на проблемите преку дипломатија“, изјави Ердоган. Тој додаде дека Анкара со „особено внимание“ ги следи потезите на израелската Влада, која, според него, се обидува да го наруши постигнатиот консензус.
Турскиот претседател зборуваше и за, како што рече, „ционистичко раководство“, кое го опиша како „група касапи“, тврдејќи дека својот политички опстанок го поврзува со продолжување на конфликтите во регионот. Тој посочи дека ова раководство „особено не ги остава на мир Либан и Сирија“.
„Не смееме да дозволиме сегашната израелска Влада, која е зависна од војната, повторно да го турне нашиот регион во ера на барут и крв“, нагласи Ердоган, додавајќи дека Турција се залага за регионален поредок во кој сите жители, без оглед на нивната вера, ќе живеат во мир и безбедност.
